Промени што го унапредуваат работењето во компаниите базирани на нови технолошки достигнувања

Статија во ‘е-Банкар‘ број 8

Доц. д-р Тони Малиновски

Самостоен советник во Дирекција за информациска технологија

Народна банка на Република Македонија

Корпоративните информациски системи најчесто се состојат од целосно интегрирани, соодветно распределени информациски решенија, чијашто основна цел е исполнување на потребите на компаниите на различни нивоа. Тие се застапени кај банките, финансиските институции, државните и јавните институции, компаниите од телекомуникацискиот сектор, електродистрибуцијата и др., чиишто деловни операции значително се зависни од можностите на информациските системи, нивните перформанси и достапноста.

Имајќи предвид дека успешноста на компаниите зависи од нивната можност брзо и флексибилно да се приспособат кон промените во опкружувањето, информациските системи постојано се изложени на нови предизвици за да ги поддржат успешно деловните процеси (англ.process aware information systems) и да го унапредат работењето.

Инфраструктура на информацискиот систем

Инфраструктурата претставува основа на информацискиот систем што овозможува различни решенија и сервиси за поддршка на деловните процеси и е дел од стратегијата за информациската технологија, вклучувајќи планирање, развој, имплементација и секојдневни операции. Голем број од компаниите веќе имаат постигнато одредено ниво на инфраструктурна зрелост, што вклучува виртуализација на серверите за оптимално користење ресурси, контрола, лесна преносливост и зголемена ефикасност. Имајќи го предвид значителниот пораст на податоците во информациските системи секоја година, решенијата за складирање податоци поврзани во соодветна мрежа (англ.storage area network) веќе години наназад се дел од инфраструктурата, што дополнително ги интегрира и решенијата за видео конференции и телефонија, олеснувајќи ја соработката помеѓу вработените во компанијата.

Меѓутоа, целосната интеграција вклучува предизвици со кои ќе се изгубат границите помеѓу серверите, мрежната инфраструктура и системите за складирање податоци. Потребата за зголемени перформанси и флексибилност во одредени сегменти бара динамичка инфраструктура во која лесно се управуваат ресурсите на серверите и мрежата, заобиколувајќи ги непотребните компоненти (на пример,оперативниот систем за виртуализација, уредите за интерконекција и сл.) за поефикасен пренос на податоците низ инфраструктурата. Притоа, новите податочни центри треба да бидат крајно ефикасни, автоматизирани и подредени на потребите на апликациите (англ.application centric data centers), овозможувајќи им на сервисите и апликациите да работат со најдобри перформанси.

Дополнително, компаниите треба да размислат како да ги надградат своите инфраструктури и ефективно да ги интегрираат придобивките на новите трендови од т.н. интернет на нештата (англ. Internet of Things) и интернет на сè (англ. Internet of Everything), што дополнително ги поврзуваат вработените, процесите, податоците и објектите. Технологиите на кои се базираат овие трендови овозможуваат мрежна поврзаност што генерира големо количество податоци, давајќи ѝ сè поголемо значење на аналитика за унапредување на работењето во компаниите. Нивната постојана поврзаност бара зголемување на соработката помеѓу деловните и информатичките организациски единициво компаниите за ефикасно прибирање, анализирање и дејствување согласно добиените податоци.

Конечно, потребата за ефикасно користење на ресурсите, лесна надградливост согласно потребите и автоматизацијата, неизбежно ја наметнува врската на инфраструктурата со решенијата за работење во облак (англ. cloud computing). Согласно анализа наIDC, направена во септември 2016 година, користењето на решенијата за работење во облак значително расте, при што 50% од компаниите користат повеќе од еден тип на приватен облак, се очекува 40% пораст во инвестициите за приватен облак во следните две години, а речиси 68% од компаниите користат каква било форма за работење во облак, што е 61% пораст во однос на претходната година. Според тоа, неизбежен предизвик со кој корпорациите ќе се сретнат во следните години е интеграција или унапредување на ваквиот тип решенија, со цел да се подобри работењето и добиените резултати.

МН: Успешноста на компаниите зависи од нивната можност брзо и флексибилно да се приспособат кон промените во опкружувањето, информациските системи постојано се изложени на нови предизвици за да ги поддржат успешно деловните процеси (англ.process aware information systems) и да го унапредат работењето.

Нови типови апликации

Успешни апликации се оние што успешно се користат од своите корисници, задоволувајќи ги нивните потреби за ефикасност, брзина и достапност при работењето. За да се овозможат теоретски неограничени ресурси на барање на корисниците, покрај постојните апликации, следува развој на апликации што поддржуваат лесна хоризонтална надградба (англ. horizontal scaling), при што тие сами се распределуваат на компјутерските ресурси, одржувајќи го бараното ниво на достапност. Така, на пример, употребата на мали апликации (микросервиси), што се фокусираат на одредена функција и можат да се користат во рамките на други апликации, овозможува самораспределба на постојните ресурси за зголемени перформанси (хоризонтален пораст) и постојана достапност.

Имајќи го предвид големиот обем и различните типови податоци (англ.big data), ќе се зголеми потребата за изработка на апликативни решенија што се во можност да ползуваат извори на податоци од трансакциски бази комбинирани со податоци од социјалните медиуми, финансиски податоци, резултати од интернет-пребарување, различни сензорски и компјутерски записи и др. Притоа,тие треба да имплементираат моќна аналитика што ќе дава информации во реално време (англ. stream analytics),

МН: Брзите технолошки промени бараат постојано унапредување на знаењата на вработените, нивна континуирана обука и професионално надградување.

обработувајќи ги различните типови податоци, споредувајќи ги со претходни вредности и модели и обезбедувајќи моментален приказ на резултатите во соодветна визуелна форма. Стратегијата за развој на ваков тип апликации, покрај трансакциските бази на податоци, треба да вклучи и бази со дистрибуирани складови на податоци (англ. distributed storage) што се предодредени за процесирање на многу големи податочни множества. Компаниите што рано ќе ги прифатат овие трендови (англ. early adopters) ќе имаат поголеми придобивки во работењето од оние компании што подоцна ќе се приклучат кон прифаќањето на иновациите.

Вработени во компаниите

Неизбежно е да се напомене дека успешноста при користењето на корпоративните информатички системи зависи, пред сè,од вработените во компаниите. Брзите технолошки промени бараат постојано унапредување на знаењата на вработените, нивна континуирана обука и професионално надградување. Дополнително, новите вработувања сè повеќе ќе вклучат вработени од т.н. генерација милениумци, кои се пораснати со поновите технолошки достигнувања, технолошки се поврзани и носат со себе нова енергија, па компаниите треба да ги преиспитаат воспоставените начини на организирање и работа за да ги искористат придобивките на новата генерација во деловното работење.

Од друга страна, иако невработеноста во Република Македонија сè уште е на незавидно ниво, зголемувањето на комплексноста во работењето носи недостиг на квалитетни кадри во сите области. Ваквиот тренд е присутен насекаде, па компаниите треба да најдат модели да ги привлечат и да ги задржат квалитетните кадри, особено што глобалниот недостиг во последните години предизвикува нивно привлекување од надворешни компании. Овој тренд сè почесто не бара промена на местото на живеење, бидејќи технолошки потпомогнато „работење од дома“ овозможува лесен, глобален пристап и зголемена конкурентност на пазарот на трудот.

 

 

 


Icon

Ул. „Орце Николов“ бр. 75 1000, Скопје (зграда на Македонска берза АД Скопје - први кат)

Icon2

+389 2 312 5500


Site by